13-06-2019| Обредните лебови во народниот календар кај Македонците и Турците во Радовишко

Денес во рамките на одбележувањето на Јубилејот „1000 години Радовиш“ се одржа манифестацијата „Обредните лебови во народниот календар кај Македонците и Турците во Радовишко“ каде посетителите и гостите имаа можност да се запознаат со разните верувања и обреди поврзани со лебот, неговото подготвување (замесување), чување, користење, но и соодветни забрани за однесувањето на луѓето кон него. На манифестацијата беа изложени околу сто и педесет фотографии од обредни лебови и дејствија, кои го прикажуваа култот кон лебот како исконски извор на живот со богатство од мотиви во сите негови форми кои се пренесуваат од колено на колено како специфичен дел од традицијата и културата, обоен со лична и колективна лирика, со корени во етнокултурната историја.
Проектот финансиски е поддржан од Министерството за култура и Општина Радовиш, а го реализираше Здружението на жени „Женска акција“ од Радовиш, со цел развивање на свеста за културата, обичаите  и традицијата во Радовишко. Автори на проектот беа: Павлина Кошевец и Иванка Соколова кои ја истражуваа богатата фактографија на теренот од македонското и турското население во Радовишко, при што беше  регистрирано и правењето на лебови за празниците не само во религиозната и духовна вознес на празнувањето, туку и како идеал за среќа и благосостојба во семејството, успех во агрокултурниот живот, илустрирани како чин на битовиот комплексен елемент што се темели врз здрава драмска структура каде што креативната радост е опфатена како искра на идилична игра која го обликува граѓанскиот културен модел. Преку изложбата беше регистрирана хронологијата и содржината на обредните лепчиња како исконска традиција. Речиси нема празник во обредниот календар во Радовишко што не е поврзан со лебот. Тој се подготвува по разни поводи на радост: крштевки, свадби, празници и на тажни денови. Колачиња, лепчиња, погачи, баници зелници за Коледе, Бадник, Божик, Сурва, Света Троица, Лазара, Тодорица, Свети Трифун, Ѓурѓовден… Леб, баклава, татлија на Рамазан Бајрам и другите празници на турското насление во Радовиш и во соседната општина Конче и кај турското јуручко население во радовишките плачковики села. Покрај фотографиите на плоштадот „Свети Спасо Радовишки“ изобилуваа и сценски дејствија во изведба на голем број млади луѓе, како и голем број на фолклорни групи кои изведуваа дел од македонската традиционална песна. 
На манифестацијата учествуваа градоначалничката на општина Тетевен од Република Бугарија, Мадлена Бојаџиева со општинското раководство на Тетевен  и универзитетски професори од Република Турција, Мехмет Имбаша и Ејуп Кул.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=1&v=hg2ldIjdhEg


 

Галерија